Трамп ги објави новите царински стапки за сите земји од светот, Македонија има стапка од 15 насто
Американскиот претседател Трамп рано утрово ги објави новите царински стапки за сите земји од светот што досега не постигнаа официјално трговски договор. Македонија официјално има стапка од 15 насто, исто како и европската унија, којашто склучи трговски договор на 27-ти јули. Првично објавената царинска стапка за македонските стоки од месец април, изнесуваше 33 проценти...

Претседателот на САД потпиша извршна наредба со која официјално се најавуваат нови царини за увоз од десетици земји. Новите давачки ќе се применуваат за седум дена, односно од 7-ми август и се движат од 10 до 50 насто. Македонија, доби стапка од 15 проценти, идентична на онаа што ќе важи и за Европската Унија. Претходно царините објавени во април за македонски производи изнесуваше 33 насто, што е значително намалување. Србија ќе се соочи со царина од 35 проценти, а Босна и Херцеговина со 30 проценти. Најниска царина во регионот ќе има Црна Гора – 10 проценти.
„Верувам дека повеќе од 200 земји од светот контактирале со тимот за трговија и тарифи. Секако, како што реков претходно и како што рече претседателот, ќе им дадеме приоритет на нашите клучни трговски партнери.. Трговскиот тим работи деноноќно“, Каролин Ливит, портпарол на Белата куќа.
Највисоките царини се воведуваат за Бразил - 50 проценти, Сирија - 41 насто. Мјанмар и Лаос подлежат на царина од 40 проценти.. Според новите мерки, извозот од Канада ќе биде оданочен со 35 проценти. За Онтарио одлуката на Трамп е загрижувачка. 25 насто царини доби Индија, 30 проценти Јужна Африка. Американскиот претседател го паузираше воведувањето повисоки тарифи за Мексико за уште 90 дена. Кина пак, има рок до 12-ти август за постигнување траен договор со САД.
„Како што претседателот на САД Трамп веќе објави, а и ние објавивме, тоа е период од 90 дена, ние остануваме онакви какви што сме и имаме 90 дена да продолжиме да разговараме и да градиме долгорочен договор“, Клаудија Шајнбаум, претседателка на Мексико.
Белата куќа соопшти дека државите кои не се на списокот ќе бидат предмет на стандардната давачка од 10 проценти што ја објави Трамп во април. За дел од земјите, како Јужна Кореја, Велика Британија и Јапонија, веќе се постигнати договори со САД за избегнување на најстрогите мерки. Демократите го обвинуваат претседателот Трамп за хаос и неизвесност.
„Трговската војна со царините на Трамп е трговска војна против американскиот народ. Оваа недела видовме хаос и неизвесност. Инвестициите во бизнисот се намалија за 3 проценти, во голем дел затоа што луѓето не знаат какви ќе бидат царините. Никој не знае што доаѓа кога Доналд Трамп нема план, нема стратегија и не е искрен за она што го презентира“, Сенатор Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.
Пазарите на капитал не реагираат исто како и на почетокот на годината кога за првпат беа објавени новите царински политики на САД, став на експертите.
„Се чини јасно дека новата нормалност е постојано преговарање, постојано усовршување, со различни граници и приоритети за различни земји. И мислам дека пазарите на капитал не реагираат на ист начин од поединечните трговски договори, како на начинот на кој реагираа на почетокот на годината. Мислам дека луѓето сфаќаат дека геоекономскиот баланс на моќ не се менува преку ноќ и не се прави се одеднаш“, Барбара Метјуз, нерезидентен член на Атлантскиот совет.
Со царините против главните трговски партнери на САД,Трамп очекува да ја преуреди глобалната економија и да го намали американскиот трговски дефицит.
Маријана Димовска
