Новите царини на Трамп стапуваат на сила идната недела
Американскиот претседател Трамп рано утрово ги објави новите царински стапки за сите земји од светот што досега не постигнаа официјално трговски договор Македонија официјално има стапка од 15 насто, исто како и Европската унија, којашто склучи трговски договор на 27-ми јули. Првично објавената царинска стапка за македонските стоки од месец април, изнесуваше 33 проценти...

Тарифите на Трамп одново ги тресат светот и светските берзи. Десетици земји од 7-ми август ќе се соочат со царини од 10 до 50 насто. Највисоките давачки за извоз ќе ги плаќа Бразил – 50 проценти, Сирија – 41 насто, Мјанмар и Лаос 40 проценти земјите што не преговарале или не добиле писмо навреме ќе бидат известени за условите за трговија со САД.
„Доналд Трамп продолжува да ги менува правилата на играта. Иако се чини дека има светлина на крајот од тунелот во врска со тарифите, исто така е јасно дека Трамп останува непредвидлив. Оваа непредвидливост сега предизвикува позначајни главоболки, можеби дури и долгорочни“, изјави Оливер Рот, советник за берзи, Германија.
Канада се соочува со царини од 35 насто, властите изразија загриженост. 25 проценти царини доби Индија, 30 насто Јужна Африка, 20 проценти – Тајван. Рокот за договор со Мексико е продолжен за уште 90 дена. Кина пак, до 12 август се очекува да се договори со САД.
„Како што претседателот на САД Трамп веќе објави, тоа е период од 90 дена. Имаме 90 дена да продолжиме да разговараме и да градиме долгорочен договор“, изјави Клаудија Шајнбаум, претседателка на Мексико.
Австралија задоволна од царините од 10 насто, Нов Зеланд ќе лобира за намалување на стапката од 15 проценти. Земјите како Јужна Кореја, ЕУ, Велика Британија и Јапонија, веќе постигнаа договори за избегнување на најстрогите мерки.
„Веруваме дека неодамнешната извршна акција, ќе помогне да се намали неизвесноста околу трговската политика на САД и ќе се намали ризикот таквите политики да влијаат негативно врз јапонската и глобалната економија“, истакна Јошимаса Хајаши, главен секретар на кабинетот на Јапонија.
Демократите го обвинуваат претседателот Трамп за хаос и неизвесност.
„Инвестициите во бизнисот се намалија за 3 проценти, во голем дел затоа што луѓето не знаат какви ќе бидат царините. Никој не знае што доаѓа кога Доналд Трамп нема план, нема стратегија и не е искрен за она што го презентира“, изјави Сенатор Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.
Македонија, доби стапка од 15 проценти, Србија ќе се соочи со царина од 35%, а Босна и Херцеговина со 30%. Најниска царина во регионот ќе има Косово, Албанија, Црна Гора – 10% Со царините против главните трговски партнери на САД, Трамп очекува да ја преуреди глобалната економија и да го намали американскиот трговски дефицит.
Маријана Димовска
