Одложена жетвата на оризот
Оризопрозиводителите на нова мака. Поради студеното и дождливо лето, зреењето на оризот им доцни. Веројатно е дека со жетва ќе почнат на крајот на октомври, време кога вообичаено со неа се завршува. Извесно е дека ќе има намалени износи...

Со голем проблем се соочуваат оризопроизводителите од Кочанско, Виничко и Штипско. Дождливото лето го успори зреењето на оризот па приносите ќе бидат далеку под планираните.
„Досега требаше да се формира клас и да фати леб што велиме ние, а посевите дури сега закластуваат“, вели Стојан Митрев, оризопроизводител од с. Крупиште, Штипско.
Вообичаено, со жетва се почнува на крајот на септември, а сега е прашање дали комбајните, во оризовите полиња ќе влезат и во ноември.
„Тоа е многу доцна. Оризите не се исцедени, па наместо да работат, земјоделците седат и се нервираат“, вели оризопроизводителот Трајко Мицевски од истото село.
Ова, лошата жетва, трета година по ред, уште од сега ја прави се позивесна.
„Лани сланата фати пред жетвата. Ако истото се случи и годинава, дополнително ќе се одложи жетвата. Веќе 70 отсто од земјоделците имаат штети. Одвај 30 отсто ќе имаат добар род“, е констатација на Мирко Настев, од Крупиште.
Со вакви дилеми и проблеми се околу 250 оризопроизводители од Кочанско, Виничко и Штипско.
Лани од нив се добиени 17.500 тони арпа, односно 12.300 тони бел ориз. Годинава, овие бројки уште отсега за голем дел од оризарите се само сеќавање на старите добри времиња.
Оливера Жежова
