„Студентско лето“ 2025: Македонски изведувачи на најпознатиот регионален музички фестивал
Фестивалот „Студентско лето“ и оваа година ги собира најталентираните млади изведувачи од целиот регион, а Македонија, како и со децении наназад, доаѓа со силна и внимателно одбрана постава...

Фестивалот „Студентско лето“ и оваа година ги собира најталентираните млади изведувачи од целиот регион, а Македонија, како и со децении наназад, доаѓа со силна и внимателно одбрана постава. На 53-то издание на овој најстар фестивал на млади пејачи во Босна и Херцеговина, кој ќе се одржи на 22 и 23 август во Маглај, Македонија гордо ќе ја претставуваат тројца млади изведувачи од Прилеп: Божица Китановска во категоријата на народна музика, како и Марија Јаковлеска и Сергеј Попоски во забавната музика.
Овој избор не е случаен – тие се веќе познати како истакнати вокални таленти во оваа земја, а нивното учество одново ја потврдува репутацијата на Македонија како земја која континуирано вложува во млади уметници и сериозно му пристапува на секој фестивал.
Македонија – сигурен извор на музички таленти
Придонесот на Македонија на „Студентско лето“ никогаш не беше симболичен. Напротив, веќе со децении македонските претставници редовно ја воодушевуваат публиката и освојуваат признанија на стручното жири. Нашата јавност со голем интерес го следи секој настап на младите изведувачи во Маглај додека дел од нив прераснуваат во национална гордост.
Еден од најпрепознатливите примери е Верица Ристовска – легендарната победничка на Фестивалот во 1974. година – која кариерата ја отпочна токму на оваа сцена и остави длабока трага на музичката историја во регионот.
Повеќе од половина век музичка традиција
„Студентско лето“ е Фестивал кој оваа година обележува 53 година постоење и претставува жив споменик на младинската креативност и музичкото наследство на поранешна Југославија. Почетоците на фестивалот се врзуваат за доцните шеесетти години кога Роднокрајниот клуб на студенти во Маглај ги организираше првите натпревари за локални млади пејачи. Брзо потоа, во 1970 година фестивалот ги прерасна локалните рамки и прерасна во центар кој ги собираше победниците на регионалните натпревари од сите краишта на некогашната заедничка држава.
Денес, на Фестивалската сцена ќе се појават 30 млади изведувачи од 10 земји и преку 20 различни градови во Европа и регионот со што се потврдува реномето на „Студентско лето“ кој е член на Светската асоцијација на музички фестивали (WAF).
Божица, Марија и Сергеј – гласови кои вреди да се запомнат
Овогодишните македонски претставници доаѓаат од Прилеп, град кој прераснува во расадник на музички таленти. Божица Китановска е позната по експресивните изведби на народната музика во кои го внесува духот на традицијата во сплет со емоции кои поврзуваат генерации. Во рамките на забавната програма, Марија Јаковлеска и Сергеј Попоски донесуваат свежина, сценска енергија и современ музички израз, со кои се надеваат дека ќе ги освојат публиката и жирито.
Нивниот настап во Маглај ќе биде уште едно поглавје на богатата приказна за македонското учество на „Студентско Лето“, кое, како што покажува искуството, често означува почеток на една сериозна музичка кариера.
