Македонија

Политичките партии со обвинувања за партизација во полицијата

01.08.2025 14:38

Опозицијата со барање до претседателката Сиљановска-Давкова да не ги потпишува указите за законите за полиција и внатрешни работи. Според нив тоа се скандалозни и опасни измени кои го укинуваат професионализмот во полицијата. За ВМРО-ДПМНЕ новите законски решенија ќе воведат ред, за СДСМ професионализмот ќе го снема...

Социјалдемократите бараат шефицата на државата да не ги потпишува указите за законите за полиција и за внатрешни работи. Велат дека со измените ќе биде укинат професионализмот, а полицијата ќе биде претворена во партиски инструмент. Според опозицијата, со новите закони министерот ќе може да предлага директор на БЈБ од најшироките области на општествени науки, сам ќе може да поставува началници и командири, без тие да исполнуваат основни критериуми. Проблем гледаат и во тоа што се бришат и професионалните критериуми за раководни позиции, што според нив отвора простор за инсталација на партиски кадри.

Од друга страна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека новите закони се во насока на професионализација и еднакви можности. Обвинија дека Социјалдемократскиот сојуз е тој кој ја партизира полицијата.

Министерот Тошковски уверува дека измените во Законот за внатрешни работи и за полицијата претставуваат основа за темелна реформа. Акцент става на професионализација, подобро функционирање на полициските службеници, високи критериуми за унапредување, но и одговорност во работењето.

Ана Јосифоска