Се асфалтираат локалните патишта во Кривопаланечко

21.08.2014 10:30

Средствата се обезбедени од локалниот буџет и од Бирото за развој на руралните подрачја. Жителите со надеж дека ќе запре миграцијата од овој пасивен крај...

Асфалтиран е општинскиот пристапен пат во кривопаланечкото село Конопница во должина од околу 1,2 километри. За да стигнат до најнеопходните локации, училиштето и црквата во Конопница, досега мештаните заобиколно минуваа дури и по два километри, а сега оваа релација значително е скратена.

„Чекавме години и години и еве дочекавме нов асфалт, имаа слух за нашиот проблем и го напаравија.“

„Еве се враќаат луѓето, цело лето тука престојуваат во викендиците. Тука во Конопница патот ќе го користиме од 70 до 100 куќи заедно со маалото викано Спас“, изјавија жителите на село Конопница.

Изградбата на патот е дел од проектот на локалните власти за унапредување на животот на населението во руралните подрачја. Реализација на проектот „Изградба на општински пристапен пат спој М2 - Стамболиска маала- маала Деловодци“, локалната самоуправа ја спроведе со помош од Агенцијата за регионален развој.

„Општината Крива Паланка учествуваше со еден милион и сто денари, а од Бирото за развој на руралните подрачја при Министеретвото за локална сампоупрва дадоа еден милион и четиристотини денари. Ние претходно го тампониравме патот, а со овие средства го асфалтиравме“, информираше градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Селото Конопница е на само три километри оддалеченост од Крива Паланка, брои околу 300 жители, а во последно време се поголем број граѓани градат викендички и куќи и се враќаат во селото.

 

Габриела Димковиќ