Одбележување

Македонија ги одбележува двата Илиндена

02.08.2025 09:12

Македонија го одбележува Денот на Републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани-Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, на кое беа поставени темелите на современата македонска држава...

Со централна прослава на „Мечкин Камен“ во Крушево и со положување цвеќе на повеќе локации низ државата денеска се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ – два клучни столба во македонската државност.

Централната прослава ќе се одржи во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.

Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде ќе има и свое обраќање.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ја предводи партиската делегација на чествувањето во Ташмаруништа, каде ќе положи цвеќе.

Одбележувањето на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце на која ќе присуствува потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.

Чествувања ќе се одржат и во Скопје, кај споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“. Државниот врв од Мечкин Камен, Пелинце и од Скопје ќе испрати пораки по повод 2-ри август.

Премиерот Христијан Мицкоски ќе биде дел од свеченостите во Скопје, каде ќе положи свежо цвеќе и ќе има обраќање по повод празникот. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, се очекува да присуствува на централната манифестација во Крушево, на Мечкин Камен – симболот на Крушевската Република и Илинденското востание од 1903 година.

Спикерот Африм Гаши најави дека поради здравствени причини нема да има говор на одбележувањето на празникот, поради што собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ќе положи цвеќе на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце. Државната делегација, предводена од потпретседателката Бендевска, ќе го одбележи 2 Август – Илинден и во манастирот Прохор Пчински.

Чествувања ќе се одржат и во Скопје, кај споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“.