Воен конфликт

Трамп премести две нуклеарни подморници

02.08.2025 11:47

По заканата од Медведев, американскиот претседател Трамп нареди распоредување на две нуклеарни подморници, непрецизирајќи ја точната локација. Односите Вашингтон-Москва влегуваат во сериозна етапа откако Трамп постави ултиматум од 10 дена кон Русија за постигнување мир со Украина, во спротивно најави дополнителни санкции. Путин предупреди дека не треба премногу да се очекува од мировните преговори Киев-Москва во Истанбул...

Две нуклеарни подморници прераспределени на соодветни позиции, соопшти американскиот претседател Трамп. Истакна дека одлуката ја донел по заканите од поранешниот руски претседател Медведев кој напиша дека сад ризикуваат директен судир со Русија, по ултиматумот на Трамп за дополнителни санкции кон Москва доколку не се постигне примирје во Украина.

„Мораше да го направиме тоа. Мора да бидеме внимателни. Беше упатена закана, а ние сметаме дека таа е соодветна. Затоа мора да бидеме внимателни. Го правам ова за да ги заштитам нашите луѓе. Заканата доаѓа од поранешен претседател на Русија и ние ќе го заштитиме нашиот народ“, американскиот претседател, Доналд Трамп.

А, Русија ги интензивира нападите на украинска територија. По смртоносниот напад врз Киев во кој загинаа над 30 лица, а стотици беа ранети, денеска со нови напади во неколку региони. Има загинати и ранети. Украинскиот претседател Зеленски уште еднаш повика на силни санкции против Русија.

„Сите руски финансии, секоја шема што го полни рускиот буџет, мора да биде цел на светот. Само ова ќе ја убеди Москва искрено да работи на договорот за мир“, истакна Зеленски.

Од друга страна, Путин не е оптимист. Предупреди дека не треба да се има претерани очекувања од мировните преговори меѓу Москва и Киев што се одржуваат во Истанбул.

„Што се однесува до какви било разочарувања од било кого, сите разочарувања произлегуваат од прекумерни очекувања. Ова е добро познато општо правило. Потребно е да се водат темелни разговори за да се постигне мирно решение, и тоа треба да се прави мирно за време на процесот на преговори, а не јавно“, посочи рускиот претседател, Владимир Путин.

Сè уште не е јасно какво влијание ќе има наредбата на Трамп за разместувањето нуклеарни подморници, кои вообичаено рутински патролираат кај клучните жаришта во светот, но одлуката доаѓа во деликатен момент на односите меѓу Вашингтон и Москва. Трамп го скрати првичниот ултиматум од 50 дена на 10 дена рок за постигнување договор за примирје во спротивно се закани со остри економски санкции кон Русија и нејзините трговски партнери. Прва на удар беше Индија за која најави дополнителни казни поради набавката на руска нафта и оружје, по што Њу Делхи ги врати руските танкери. Во меѓувреме, американскиот специјален претставник виткоф патува кон Москва за да изврши притисок врз Русија за крај на војната во Украина во рокот поставен од претседателот Трамп.

Маја Стојанова