Туризам

Празникот ја зголеми посетеноста на Охрид

02.08.2025 15:47

Охрид викендов пулсира во летен ритам којшто му доликува на голем туристички центар. Бројните забавни и културни настани придонесоа на охридското крајбрежје да допатуваат повеќе гости, со што ќе се надополни барем дел од пропуштеното во текот на јули. Минатиот месец посетеноста беше под очекувањата пред сè поради високите цени на услугите...

Илинденските празнувања го исполнија Охрид. Тоа се должи пред сè на бројните концерти на познати музички ѕвезди од земјава и регионот, богатата програма на фестивалот Охридско лето и други културни настани.

Според експертите туристичката сезона само до некаде ги исполни очекувањата, бидејќи посетеноста годинава е помала споредено со лани. Тоа се должи на високите цени, но и на недоволната организираност на локално, регионално и национално ниво.

„Исто така недостасува стратегија за развој на туризмот. Се чини дека сè уште ние сме шампиони во стихијно исполнување на нештата во туристичките текови. Како еден домино ефект она што се случи мај месец кога градот навистина се исполни, се преполни со туристи, но тогаш се соочивме со повисоки цени, наеднаш цените пораснат, вели проф. д-р Климент Наумов – Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Незадоволството од високите цени е видливо пред сè кај домашните туристи.

„Квалитетот на услугите е многу мал, низок, а цените се кренати до небо“.

„Две кафиња и два швепса, малечки, од по два деци, 850 денари. Дали за нашиот стандард тоа одговара?“

„Ако ви дојде келнер на маса, тој е облечен во фармерки, со телефонот позади во џебот и ќе ве послужи онака како што мисли тој“.

„Оваа година Охрид е празен, ние доаѓаме 20 години“.

„Треба да имаш плата, да имаш пензија добра да влезеш во ресторан. Едно кафе 150-200 денари, го нема никаде тоа“.

„Експертите сметаат дека цените не кореспондираат со квалитетот на услугите кои се нудат“.

„Од јуни, јули и август до почетокот на септември се повеќе и повеќе евидентна е средношколска работна сила во угостителските објекти коишто не можат да испорачаат квалитетни услуги. За жал ние ги изгубивме професионалците во угостителството“, истакна проф. д-р Климент Наумов – Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Светла точка во овие моменти е тоа што се воспостави министерство за култура и туризам, вели Наумов. Тој посочува дека сега работите се поставени на добра основа, бидејќи кадрите во високообразовните институции од областа на туризмот ќе бидат еден вид советодавно тело, што ќе придонесе за развој на туризмот.

Сашо Нелоски