Одбележување

Илинден е симболот на македонскиот непокор

02.08.2025 18:13

Зад црвените линии на земјава да се обединат сите македонски политичари, порачуваат историчарите. Според нив штетните договори направени со соседството ја редефинираат асномска Македонија. Апелираат, повеќе да се чита историја и да се зборува на македонски јазик, зошто така се сака една земја...

Колку повеќе се чита историјата и зборува нашиот јазик – толку повеќе се сака државата. За историчарите, штетните договори со соседството ја редефинираат асномска Македонија.

2-ри август, Илинден, отсекогаш бил исклучително значаен датум во македонската историја, од славната битка кај Еронеја, одржана на денешен ден, во 338 г. пр. н. е., па преку Илинденското востание во 1903-та, сè до првото заседание на АСНОМ, во 1944-та. Различни генерации македонски херои, но со идентични идеали и подготвеност да ги дадат и сопствените животи, за да живее слободна Македонија. Илинден е симбол на македонскиот непокор, наше минато, сегашност, но и иднина, порака на македонските историчари.

25.000 вооружени Македонци наспроти 300.000 отомански војници, се бореле за создавање на автономна Македонија, која подоцна би прераснала во независна, иако денеска гледаме обиди на дел од историчарите од соседството да го искриват овој факт, вели за Македонската телевизија историчарот Никола Србов.

Илинденското востание бил голем херојски потфат на Македонската внатрешна револуционерна организација, особено со оглед на фактот што на македонска територија дејствувале пропагандите на балканските држави, со цел расчеречување на македонското национално ткиво, вели историчарот и професор Никола Жежов. Апелира, Македонците, а особено младите, да се интересираат и да читаат македонската историја, бидејќи што повеќе се запознава историјата, толку повеќе се сака Македонија.

Без Илинденското востание, немало да се случи ни Народноослободителната војна четири децении подоцна, а веројатно, не би се случил ни 8 септември 1991, вели Србов.

Штетните договори потпишани со дел од соседите, за жал, ја редефинираат нашата историја и асномска Македонија, вели Жежов. Додава, да се преиспита оправданоста од постоењето на т.н историски комисии.

Со потпишувањето на договорите со Бугарија и со Грција, ние на двете држави им дадовме оружје во рака, со кое во иднина би имале историска оправданост за какво било дејство на територија на денешна Македонија, велат историчарите. Апелираат, за македонските црвени линии, мора да се обединат сите политички чинители.

Марија Котовска