Празнување

Македонците во Србија го одбележаа „Илинден“

02.08.2025 17:02

Македонците во Србија го прославија 2-ри август во Јабука со литургија на македонски јазик и полагање венци пред споменикот на Гоце Делчев во Јабука крај Панчево

Македонците од Врање, од Ниш, од Суботица и Белград, од цела Србија денес се сплотија во Јабука крај Панчево да го одбележаа 2 август-Илинден, кој воедно е прогласен и за национален празник на Македонското малцинство во Србија.

Празникот почна да се одбележува со литургија на македонски јазик во црквата Св. Пророк Илија во Јабука, што ја одржа јеромонах Дионисиј Ботев од манастирот Беркасово, црквата Св. Петка во Срем. Ова е втор пат македонски свештеник да одржува литургија на македонски јазик на Илинден во Јабука, населена претежно со Македонци.

Потоа, со полагање венци и цвеќе на бистата на Гоце Делчев пред истоименото основно училиште, претставници на бројните македонски здруженија, на Националниот совет и на амбасадата во Белград, им оддадоа почит на двата Илиндена.

„Со нашето присуство на празниците на националните малцинства ја потврдуваме посветеноста на Србија на афирмацијата на припадниците на националните малцинства и на добрите добрососедски односи меѓу Србија и Северна Македонија“, изјави Иван Бошњак Државен, секретар во Министерство за малцински права.

Во рамки на одбележувањето на Илинден се одржа и традиционалниот етно фестивал „Гравче на тавче“.

Оливер Бранковиќ