Илинден се одбележа и во „Прохор Пчински“
Веќе традиционално и годинава Илинден се одбележа и во манастирот Прохор Пчински, местото каде што е одржано првото заседание на АСНОМ. Освен државната делегација на одбележувањето присуствуваа и бројни граѓани. Македонија и Србија веќе немаат отворени прашања, соработката треба само да се унапредува...

Илинден и годинава се одбележа во манастирот Прохор Пчински во соседна Србија, местото каде што се удрени темелите на македонската државност и е одржано првото заседание на АСНОМ, на 2-ри август 1944 година.
Македонската делегација во соседна Србија, ја предводеше потпретседателката на Собранието, Бендевска, заедно со вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Стоиљковиќ, македонскиот амбасадор во Србија, Тупанчевски. Со државно-црковни претставници положија цвеќе и направија обиколка на манастирот и црквата. Прохор Пчински го посетија и бројни граѓани. Ја поздравуваат иницијативата за заедничко одбележување, но и посочија за блискоста којашто ја имаат двата народи. Укажаа дека идните генерации треба да продолжат да ги негуваат идеалите не непокор и илинденците.
Македонската делегација во Прохор Пчински ја пречека потпретседателката на српското Собрание Ѓуриќ, со владиката на Врањската епархија, Пахомије. Истакнаа дека соработката помеѓу двата братски народи е голема и ќе продолжи да се унапредува.
2-ри август е државен празник и за македонското малцинство во Србија.
Од 2022 година во манастирот Прохор Пчински се врати одбележувањето на државниот празник. Претходно дури 18 години не се чествуваше овде.
Елена Георгиевска
