Туризам

Подводните авантури во Охридското езеро привлечни за туристите

03.08.2025 18:13

Во светот туристите се повеќе се одлучуваат за авантуристички туризам, бидејќи тоа е спој на авантура, рекреација, опуштање и забава, со што се оддалечуваат од секојдневните проблеми и стресни состојби. Охрид нуди повеќе можности, а во изминатите години постојано расте бројот на гостите кои се одлучуваат за нуркање во езерото, каде што уживаат во прекрасниот подводен свет.

Нуркањето е една од најатрактивните содржини која привлекува сè поголем број авантуристи на охридското крајбрежје. Нивна привилегија е тоа што покрај во убавите панорами што ги нуди Охридското езеро, кога ќе нурнат во неговите води навлегуваат во една друга сосема поинаква димензија. Тоа е свет на тишината во кој царуваат рибите и организми коишто опстојуваат во древното езеро.

„Под вода можат да се видат ендемични видови флора и фауна што не можете на друго место да ги видите, артефакти од праисторијата стари од три илјади и двеста до шест илјади години, така што тоа е несекојдневно доживување“, вели Милутин Секулоски-Миќо – меѓународен нуркачки инструктор.

Кој еднаш нурнал во езерските води секогаш повторно се враќа.

„Повеќе од 20 години ние доаѓаме од Србија. Овде не се чувствуваме како туристи, туку сме како дома. Затоа ги донесовме децата за прв пат нуркаат, бидејќи водата е бистра и да ја видат оваа убавина“, рече еден нуркач.

„Водата е бистра, можат да се видат археолошките наоѓалишта кои се популарни во светот. Видливоста во езерото е голема, а нуркачката опрема е според највисоките светски стандарди“, рече друг.

„Многу убаво беше. Јас видов една толкава змија и водата е многу чиста, убава. Дека беше убаво ќе дојдам и другата година“, вели трет.

За нуркачите, особено почетниците, нуркањето е авантура, но за нуркачките инструктори тоа е одговорност за сигурноста на секој поединец.

„Се работи за обука по програми и стандарди на Скуба Скул Интернешнл. Тие се строго пропишани се различни за секоја старосна граница. Имајќи предвид дека доаѓаат на нуркање и деца и повозрасни луѓе, па дури и луѓе во години, ние мораме да ги приспособиме овие стандарди според нив“, истакна Јован Секулоски – меѓународен нуркачки инструктор.

Подводните авантури на туристите ќе продолжат во текот на целото лето, а охриѓани очекуваат дека повторно ќе дојдат идната година.

Сашо Нелоски