Градежништвото во ЕУ во слободен пад, во Македонија бележи динамичен раст
Според податоците на Државниот завод за статистика, градежниот сектор во земјава годинава бележи динамичен раст и е главен двигател на зголемувањето на бруто домашниот производ...

Еуростат соопшти дека во јуни 2014 година градежниот сектор во ЕУ забележал пад од 2,3 насто споредено со истиот месец лани, а само во земјите на еврозоната опаѓањето изнесува 0,5 проценти.
Ако се анализира европскиот градежен сектор по земји, најлоша е состојбата во Романија каде што е забележан пад од 13,1 процент, а зад неа е Португалија со 10,3 проценти. Лошо минале и словачките градежници кои забележале намалување за 5 насто и холандските кои имаат пад од 3,5 проценти.
Најдобро работеле градежните компании во Словенија каде што е забележан раст од 28,7 проценти во јуни. Унгарија во истиот месец пријавила пораст од 9,8 насто, а Полска за 8 проценти.
Интересно е што дури 12 земји не доставиле податоци до Еуростат. Повеќе од нив имаат изразени проблеми во градежниот сектор со што би се добила и пореална слика за состојбите во европското градежништво.
Според податоците на Државниот завод за статистика, градежниот сектор во земјава годинава бележи динамичен раст и е главен двигател на зголемувањето на бруто домашниот производ.
Само во првиот квартал зголемувањето изнесува 13,7 насто,а менаџерите на градежните компании го оценуваат вториот квартал како поповолен во однос на претходниот. Бројот на договори е зголемен, како и бројот на вработени, а набавена е и дополнителна нова механизација.
Домашните градежници најмногу се ангажирани околу изградбата на многубројните инфраструктурни проекти, а особен импулс годинава се очекува од динамизирањето на градежните активности на двата автопата што се финансираат со кинескиот кредит, Кичево - Охрид и Штип - Миладиновци, како и финиширањето на делницата Демир Капија- Смоквица од Коридорот 10.
