Украина

Украински напади во рускиот град Сочи, гори магацин со нафта

03.08.2025 17:03

Гори депото за нафта во руското најпознато летувалиште Сочи, поради напад со украински дронови. Серија апсења во Киев поради дебели провизии по набавката на беспилотните летала. Во посета на Москва е емисарот на Трамп, виткоф за рокот од 10 дена кој го постави американскиот претседател Трамп до Путин...

Додека тече новиот рок на Трамп, војната продолжува. Неколку града се ракетирани синоќа и изутринава, на удар повторно Киев во којшто само пред неколку дена загинаа 31 жител. Москва напредува на фронтот, по Харков, нападнат е Миколаев, град од половина милион жители на јужната граница на Донбас.

„Имав повреди на ногата и на грбот. Кога ме извлекуваа од урнатините, потоа падна врз нас“, вели жител на Миколаев.

„Побегнав од куќата и се криев под дрвото, имаше круши, од бомбардирањето ништо не остана од нив, Халина“, рече друг жителка на Миколаев.

„По нападот, шестмина побараа помош и тројца се веќе хоспитализирани“, изјави Роман Вожњак, раководител на Службата за итна состојба.

Киев возврати со напад на нафтено депо во рускиот град Сочи. 120 пожарникари се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија, запрен е воздушниот сообраќај на тамошниот аеродром, информираа руските служби.

И додека Стив Виткоф, емисарот на шефот на белата куќа е во Русија на средба со Путин, обидувајќи да ги приближи завојуваните страни, во Киев изби скандал со висока корупција. Воените лиферанти од украинската рада и службите за безбедност наплаќале дебели провизии од над 30 насто при набавката на дроновите.

„Еден од пратениците во Радата е приведен, раководители на обласни и на градски администрации, службеници во националната гарда. Проневерата на парите е при набавка на електронските системи и дроновите. Во тек е истрага во националната гарда“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Војната меѓу Украина и Русија се одразува и во регионот и на глобален план. Во Литванија, членка на НАТО падна воен дрон, најверојатно од Белорусија. Вилнус испрати повеќе сили на границата, и од Минск побара одговор. Кај Владивосток, во близина на Јапонија, на Далечниот исток, Пекинг и Москва почнаа поморски патролирања. Лани истата вежба сојузниците ја спроведоа во јужното кинеско море.

Зоран Богатинов