Кариерно напредување на наставниците
Наставници и стручни соработници можат да напредуваат и да заработат повеќе пари. Министерството за образование првпат објави јавни повици за кариерен развој на просветниот кадар. Министерството за образование објави два јавни повика за кариерен развој во основните и во средните училишта. Во секоја општина различен број наставници можат да напредуваат...

4.600 денари плус на плата за наставниците што ќе бидат унапредени во ментори. Вкупно 9.200 ако станат советници. Ова се новините во законот за основно и средно образование со кои од годинава се воведува кариерното напредување.
Отсега и стручните соработници ќе може да одат ниво погоре во советници. За прв пат со новината ќе се опфатат и професорите во средните училишта. Директорите очекуваат голем интерес на јавниот повик.
Во изминатите 7 години беше едвај објавен еден оглас, а отсега откако процесот е откочен, секоја година ќе имало еден конкурс за кариерен развој. Проектот покажал одлични резултати во државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ каде неколку години во наставата е вклучен ментор. Негова задача е да ги насочува наставниците, да ги обучува и да го унапредува процесот на работа. Тој работи и со практикантите кои доаѓаат од факултетите.
Јавниот повик е објавен пред пет дена, од кандидатите се бара да исполнат неколку услови, меѓу кои да имаат минимум 7 односно 9 години работно искуство.
Во основното образование ќе има унапредување на 149 ментори во советници и 138 стручни соработници во советници. Во средното има место за 88 ментори и 65 стручни соработници.
Викторија Милевска
