Партиите на локалните избори ќе се борат со најсилните
Министерските позиции се напуштаат и од нив се влегува во трка за градоначалнички места. Наесен, веќе се навестува интересна битка. Но тоа нема да ја наруши работата на владата, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ. На овие локални избори, не е само Скопје меѓу интересните. Двајца вицепремиери, сегашен и поранешен, во битка за скопски Чаир. Но на чело на листите во октомври ќе застанат и д..руги министри.

Извесно е дека по долгото и топло лето, не очекува политички жешка есен. Исто така, извесно е дека двајца членови на Владата од редовите на коалицискиот партнер „Вреди“, ги напуштаат позициите и влегуваат во трката за градоначалнички места.
Изет Меџити ја напушта вицепремиерската позиција и силите, во скопски Чаир, ќе ги одмери со Бујар Османи од ДУИ.
Министерот за социјални прашања, Фатмир Лимани, ќе се обиде да го освои Кичево. Ова нема да предизвика застој во работата на Владата, а до пополнувањето на испразнетите позиции на есен, функцијата ќе извршуваат нивните заменици, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Внатрепартиските дебати во ВМРО-ДПМНЕ, како и разговорите со коалициските партнери за дел од кандидатите, сè уште се во тек. Меѓудругите, отворено останува и прашањето кој ќе биде противкандидатот на Горан Трајковски, поранешниот директор на пазарниот инспекторат, кој е кандидат на СДСМ за Кисела Вода. И од опозициската партија најавуваат дека преостанатите кандидати, ќе ги објават во следните десетина денови.
ВМРО – ДПМНЕ ќе победи во најмногу општини, вклучително и во градот Скопје, каде противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе биде Каја Шукова. Сдсм пак, нема да се бори за победа, туку за стабилизација и подготовка за претстојните парламентарни избори, смета дел од експертската јавност.
Илиев очекува тензичен предизборен период за дел од општините, како и доминација на негативна кампања и меѓупартиски обвинувања за кривични дела. Сепак, вели тој, клучно влијание врз изборниот исход, ќе има квалитетот на кандидатите и на програмата, како и степенот на користењето на вештачката интелигенција за анализа на податоци и креирање на пораки.,
Марија Котовска
