Трамп најавува зголемување на хуманитарната помош во Газа
По бурните реакции во меѓународната јавност, Израел одобри зголемен влез на хуманитарна помош за палестинското население. Претседателот Трамп уверува дека и сад прават се за ублажување на гладот во Газа. Од друга страна, Црвениот крст побара достава на храна и лекови за изгладнетите израелски заложници, но Хамас постави свои услови...

Голготата на жителите во Газа не запира. Притиснати меѓу гладот и секојдневната борба за преживување единствениот спас го гледаат во доставата на хуманитарната помош. По бурните реакции во меѓународната јавност, Израел минатата недела презеде чекори за зголемување на протокот на храна во енклавата. Тврдат дека било дозволено влез на илјада и 200 камиони помош, стотици пакети биле исфрлени од воздух. Сепак, извештаите на Обединетите нации и хуманитарните организации велат дека условите за жителите во Газа не се подобрени. И претседателот Трамп вели дека САД прават се за зголемување на хуманитарната помош.
„Само ние навистина сакаме да ги нахраниме луѓето. Ние сме единствената земја којашто навистина го прави тоа. Вложуваме пари за да ги нахраниме луѓето. Стив Виткоф одлично ја заврши работата. Даваме навистина големи прилози за купување храна, за луѓето да не бидат гладни. Не сакаме луѓето да гладуваат“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
И палестинските милитанти го користат гладот како оружје. Хамас вели дека е подготвен да му даде дозвола на црвениот крст достава на храна и лекови за заложниците, но условот е Израел да дозволи сеопфатно и континуирано снабдување за палестинското население во Газа. По објавувањето на шокантните видеа со изгладнети израелски заложници, илјадници демонстранти излегоа во Тел Авив, барајќи прекин на огнот во газа и враќање на заложниците. Премиер Нетанјаху истакна дека Израел нема да биде скршен и покрај пропагандата на Хамас.
„Тие ги изгладнуваат заложниците, како што нацистите ги изгладнувале евреите. Кога ги гледам видеата, точно разбирам што сака хамас. Тие не сакаат договор, тие сакаат да не скршат, користејќи ги овие хорор-видеа и преку лажната хорор-пропаганда што ја шират низ светот но, нема да го дозволиме тоа. Сега имам уште посилна решителност да ги ослободам заложниците и да го елиминирам хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Израелската офанзива не запира. На хоризонтот на енклавата и денеска забележани чад и силни експлозии. Во меѓувреме, израелската мисија на Обединетите нации соопшти дека побарала итен состанок на Советот за безбедност на која ќе се разговара за состојбата на заложниците кои ги држи Хамас. Седницата е закажана за утре.
Маја Стојанова
