Истекува рокот од Вашингтон за Москва
Пред истекот на крајниот рок на Вашингтон за Путин да постигне мировен договор со Украина, Русија ги засилува нападите. Киев обвинува за нов бран масовни руски удари и жртви. Трамп дециден-или договор до петок, или санкции за Москва. Потврди дека специјалниот пратеник Виткоф заминува за Русија. Притисокот врз Путин би можел да функционира-изјави Зеленски...

Разгорува војната во Украина пред крајниот рок на Вашингтон за Путин да постигне мировен договор.. Шефот на Белата куќа со последно предупредување - „или договор, или санкции“, Трамп потврди дека специјалниот пратеник Стив Виткоф заминува за Русија и нема да попушти доколку Москва не се согласи на прекин на огнот до петок.
„Ќе има санкции, иако се чини дека тие доста добро ги избегнуваат.. Но, ќе видиме. Стив е можно да замине во Русија в среда или четврток. Тие побараа да се сретнеме. Па ќе видиме што ќе се случи“, изјави Доналд Трамп - претседател на САД.
Трамп додаде и дека двете нуклеарни подморници што ги распореди по онлајн расправијата со поранешниот руски претседател Медведев сега се во регионот. Но, и покрај притисокот, Русија ги засилува нападите. Киев јавува за нови жртви и повредени. Над 400 удари се забележани само во Запорожје.Десетици населени места се погодени во Херсон и Доњецк, пожари избувнаа и во Одеса.
„Русија повторно го нападна регионот Одеса со ударни беспилотни летала по што избувнаа пожари во градот и околината. Најголема штета претрпе Пазарот за електронска техника, каде што гореа трговски павилјони. Спасувачите, заедно со волонтери, изгаснаа пожар во празна зграда на студентски дом, каде што гореа собите и кровот“, изјави Марина Аверина - портпаролка на Државната служба за вонредни ситуации во Одеса.
Москва јави за масовен украински удар со дронови врз Волгород. Погодена е железничка станица. Зеленски вели, притисокот врз Путин би можел да функционира.
„Притисокот врз Русија навистина може да функционира на таков начин што тие ќе ги почувствуваат последиците од продолжувањето на војната“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Наспроти борбите, Киев потврди дека е договорена нова размена на уште 1.200 заробеници со Москва. Во истовреме Белорусија објави дека е формиран првиот бригаден баталјон во близина на границата со Украина со цел да го зајакне нестабилниот јужен фронт откако дрон беше соборен над Минск.
Бојана Крстевски
