Огласот за избор на нов претседател на ДКСК ќе биде објавен утре
Утре Собранието ќе го објави огласот за нов претседател на Антикорупциската комисија кој ќе трае 10 дена. Одлуката е донесена по оставката за претходната антикорупционерка Димитровска која заминува од челната позиција по поднесеното обвиненеие за две кривични дела. Познавачите не очекуваат дека процедурата ќе заврши до локалните избори. Кредибилитетот на институцијата е нарушена во време кога треба да го следи изборниот процес.

Огласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупција, ќе биде објавен утре, информираат од македонското Собрание. Кандидатите, од чии редови треба да се избере наследникот на поранешната претседателка, Татјана Димитровска, која поднесе оставка по обвиненијата за две кривични дела, за пријавување ќе имаат рок од 10 дена. За завршување на целата постапка пак, потребни се 23 дена.
Доколку не се скратат законските рокови, постапката нема да биде комплетирана и ќе биде ставена во мирување, поради најавеното распишување на локалните избори, објаснува за Македонската телевизија поранешната претседателка на оваа институција, Билјана Ивановска. Ваквата состојба, вели таа, значително ќе го отежне функционирањето на Антикорупциската комисија во однос на обврската за следење на изборниот процес.
Собранието минатата недела донесе одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на антикорупциска, откако сега веќе поранешната претседателка Димитровска си поднесе оставка, по обвиненијата за кривичните дела – оддавање на службена тајна и компјутерски фалсификат. Таа е обвинета дека оддала службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“. Обвинета е и за компјутерски фалсификат на тестот за безбедносен сертификат за државни и службени тајни, кој наместо неа, го полагал ревизор од Државниот завод за ревизија.
Марија Котовска
