Македонија

Истрага за случајот со скандирањето на кошаркарскиот натпревар

04.08.2025 17:21

Се работи на случајот со скандирање на кошаркарскиот натпревар. Кумановската полиција веќе извршила службен разговор со неколку осомничени лица. Обвинителството издаде наредба и за обезбедување на снимките од видеонадзорот, откако на натпреварот беше забележан говор на омраза. Случајот го осудија и властите. ДУИ пак со барање за оставки...

Се постапува за случајот со скандирање на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Кумановската полиција по наредба на Обвинителството, со неколку осомничени лица изврши службен разговор. Во координација со јавен обвинител, информираат оттаму, ќе се преземат законски мерки против вклучените, вклучително и кривични постапки. Се обезбедуваат и снимки од видеонадзорот, откако ОЈО Куманово даде насоки за испитување елементи на кривично дело, по скандирање со говор на омраза.

Македонската кошаркарска федерација и Општина Куманово, како организатори на настанот, го осудија непримерното скандирање. Изразија жалење потенцирајќи дека неспортските терени нема и не смее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост.

И премиерот Мицкоски со осуда за ксенофобичното и националистичко навивање, кое рече ќе биде предмет на истрага и санкција.

„Да упатам порака до сите навивачки групи, да навиваат спортски да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија тоа е она коешто оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа еве уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина коишто не наидоа на поддршка од страна ниту еден од присутните во селата“-нагласи премиерот.

Од Министерството за спорт на став не можат да реагираат за нешто што доаѓа од навивачи. Неопходно е да работи на едукација, смета министерот.

„Да упатам еден апел во Македонија нема потреба од такви скандирања и од едната и од другата и од третата страна и која било и ние ќе работиме најнапред на едукација на навивачите, навивачките групи, народот дека секој има право да си ја поддржува својата екипа, репрезентација но вакви настани немили не треба и не смее да се случуваат“, истакна министерот за спорт Ристовски.

За инцидентот се огласија и од ДУИ. Оттаму побараа политичка одговорност и оставки од заменици министри.

„Бараме конкретна политичка одговорност, непосредна оставка од Асрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи, и оставка од Сафие Садики Шаини, заменик-министерка за спорт, поради нивната неспособност, молчење и пропуст да реагираат и да спречат сериозен напад врз достоинството на албанските граѓани и меѓуетничкиот соживот“, нагласи Емир Сулејмани, член на централното претседателство на ДУИ.

Реакција пристигна и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Спортските трибини велат, не се место за говор на омраза.

Елена Георгиевска