Нетанјаху со најава за целосна окупација на Газа
Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека е подготвен за целосно преземање на Појасот Газа. Тој им соопштил на министрите дека ќе побара поддршка за окупација на енклавата и покрај противењата на израелските одбранбени сили поради големиот ризик за заложниците, јавуваат локалните медиуми. Од Меѓународната заедница притисок за ставање крај на војната во Газа.

Израелскиот премиер Нетанјаху најави целосна окупација на појасот Газа. Решен е да оди докрај за да ги ослободи заложниците и да го уништи Хамас. Ќе бара поддршка од кабинетот за да ги постигне воените цели
„Мора да продолжиме да стоиме заедно и да се бориме да ги постигнеме воените цели што ги поставивме, сите; пораз на непријателот, ослободувањето на нашите заложници и гаранцијата дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел. Неделава ќе го свикам кабинетот за да им дадам инструкции на одбранбените сили како да ги постигнат“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Палестинското Министерство за надворешни работи ги осуди објавените планови и ја повика меѓународната заедница итно да интервенира за да го спречи нивното спроведување. Прекин на огнот бараат и семејствата на заложниците стравувајќи дека проширената офанзива ќе ги загрози нивните животи. Агонијата е преголема, вели таткото на изгладнетиот заложник Брасловски.
„Го гледаш своето дете, нема многу што да додадеш, го гледаш како умира пред твоите очи, а не можеш ништо да направиш. Тоа е неподносливо и те излудува“, изјави Офир Браславски – татко на израелскиот заложник Ром Браславски.
Во енклавата нови експлозии. Борбата за опстанок на цивилите станува се потешка, а хуманитарната помош недоволна.
„Опасно е и полно со смрт, сето тоа е понижување. Само 30% од луѓето можат да добијат помош, а останатите не добиваат ништо. Благодарни сме што донеле помош, но таа е полна со опасност и смрт“, изјави Асад ал-Караан – Палестинец од Деир ал Балах.
Ужаснати од сцените на страдање, австралиската шефица на дипломатијата повикува да се создаде пат за решение со две држави на Блискиот Исток.
„Би го повикале премиерот Нетанјаху да ги послуша 600-те поранешни израелски безбедносни претставници кои повикаа на прекин на огнот како најдобар начин да се обезбеди враќање на заложниците дома. Сакаме помошта да пристигне. Објавив дополнителна помош за Газа, преку канали за кои знаеме дека успеале да достават помош и работиме со меѓународната заедница кон состанокот на ОН во септември во врска со патот кон две држави“, изјави Пени Вонг – министерка за надворешни работи на Австралија.
Израелските одбранбени сили моментално контролираат приближно 75 проценти од Појасот Газа, но според новиот план, од војската се очекува да ја окупира и преостанатата територија – ставајќи ја целата енклава под израелска контрола.
Бојана Крстевски
