Охрид

„Охридско лето“ го одбележа 65-от роденден

05.08.2025 12:54

Веќе шест и пол децении фестивалот „Охридско лето“ е симбол на македонската култура и државата во светски рамки. Јубилејот беше одбележан во црквата „Света Софија“ со настапот на првенката на Националната опера и балет Ана Дурловски, за чиј концерт владееше голем интерес...

Шеесет и петтиот роденден на најпознатиот македонски бренд во светот-Фестивалот „Охридско лето“, синоќа беше одбележан со концерт на познатата македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет Ана Дурловски, која настапи со пијано придружба на Анахит Тер-Татшатјан. Големиот јубилеј се одржа во катедралната црква „Света Софија“, место каде што започна приказната наречена Охридско лето.

„Вечерва со концертот на Ана Дурловски се враќаме на корените, како е основан фестивалот далечната ’61, со првенката на тогашната Македонска опера Ана Липша Тофовиќ. Сега со најреномираната македонска оперска пејачка Ана Дурловски, добро позната на македонската јавност. И мислам дека изборот на Света Софија и изборот на Ана се вистинско одбележување на овој голем јубилеј“, изјави Ѓорѓи Цуцковски – директор на Фестивалот „Охридско лето.

Љубителите на сериозната музика кои го проследија роденденскиот концерт беа задоволни поради тоа што традицијата продолжува, бидејќи фестивалот многу значи за македонската култура.

„Оваа традиција е посебна. Години уживаме, секоја година на Охридско лето. И оваа година ми е чест, сите заедно и уживаме секоја вечер“, изјави присутен на фестивалот.

„Еве вечерва присуствуваме на роденденот на Охридско лето, манифестација којашто е како симбол на градот Охрид и која секогаш треба да е поддржана“, додаде друг.

„Охридско лето го следам од почетоците. Тргнувајќи од отворањето на Охридско лето, првото кое беше преубаво. За културата и за Охрид, за македонската култура премногу значи“, рече присутен.

Во изминатите децении во рамките на Охридско лето се одржани над три илјади приредби во кои учество зедоа околу педесет илјади уметници од целиот свет.

Сашо Нелоски