Средна оценка 3,69 од државната матура во јунскиот испитен рок
Многу добар. 15-те илјади матуранти, кои во јуни ги полагаа двата екстерни испита од државната матура постигнаа просечна оценка 3,69. Повисока е од лани, но, има простор за подобрување. За неколку дена почнува августовската сесија.

Многу добар четири за средношколците на државната матура. Оценката е повисока од ланската за 0,43 проценти. Првпат по години, матурантите покажале повисоко знаење за мајчиниот отколку за странскиот јазик, повисоки оценки и за предметот математика 4,14 проценти, одличен 5 и за странските јазици, покажува анализата на државниот испитен центар. Во јунскиот рок испитот го полагале 15.004 матуранти, само три проценти не се појавиле на тестирањето.
Јаневска задоволна од резултатите. Вели тоа е плод на препораките и добрата подготовка на учениците.
172 ученика го паднале испитот, втора можност ќе имаат на тестирањето во августовскиот рок. 35 од нив на самото место биле фатени од тестаторите како препишуваат и веднаш биле отстранети од матурата. Поднесени се над 500 приговори, прифатени мал дел од нив, велат од државниот испитен центар.
Полагањето во августовскиот рок ќе се одржи на 12 и 14 месецов. Пријавени се 1.118 ученици. Право да ја полагаат матурата имаат и учениците кои го паднале испитот или кои беа фатени како препишуваат. Ќе се полага на факултетите. Тестирањето почнува во 10 часот во 4 града на 7 локации.
Викторија Милевска
