Ако Меџити победи во Чаир, Сали ќе биде вицепремиер
Во „Вреди“ паднал договор – ако актуелниот вицепремиер Меџити го победи Османи на локалните во Чаир, тогаш, поранешниот министер за здравство, Беким Сали ќе стане вицепремиер...

Беким Сали ќе седне на вицепремиерското столче во Владата, доколку актуелниот Изет Меџити успее на локалните избори да го победи Бујар Османи од ДУИ и ја презеде функцијата градоначалник на Чаир. Партнерите во коалицијата „Вреди“ постигнале договор дека сали, кој претходно беше министер за здравство, е најсоодветен за оваа позиција.
„Ако станам градоначалник на општина Чаир, тогаш поранешниот министер, Беким Сали, ќе ја преземе функцијата прв вицепремиер. Во рамките на коалицијата вреди се согласивме дека сали е најкомпетентната, најподготвената и најискусната личност за извршување на должноста“, изјави Изет Меџити – „Вреди“.
Беким Сали на функцијата министер за здравство беше една година, од јануари 2022 до февруари 2023 година, како кадар на алтернатива, во Владата предводена од СДСМ. Но, отворено е прашањето дали тоа би била единствената промена во владата во случај „Вреди“ да го освои Чаир. Кандидат на локалните во Кичево ќе биде и Фатмир Лимани, актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, а уште шест директори од редовите на „Вреди“ ќе водат кампања за локални избори, додека се на функција.
Премиерот Мицкоски не гледа ништо спорно во кандидатурите на актуелни функционери, рече дека тоа се случувало и порано. Тој посочи дека Меџити и другите ќе продолжат да ги извршуваат функциите.
Андријана Ѓурческа
