ДКСК

Оглас за нов претседател на Антикорупциска комисија

05.08.2025 19:11

По оставката на Татјана Димитровска, против која е поднесено обвинение, се брза да се пополни испразнетата фотелја во Антикорупциска. Објавен е огласот за избор на нов претседател на комисијата. Постапката се очекува да биде комплетирана до крајот на август, или, почетокот на септември. Клучен предизвик е враќањето на довербата во институцијата.

Потребна е личност со интегритет, стручност и професионалност да ја врши функцијата претседател на Антикорупциската комисија, за да може да одговори пред сè на примарната задача за превентивно откривање на криминогените појави во општеството, вели поранешниот член на комисијата Горан Трпеноски. Според него треба да се зајакнат и кадровските, техничките и материјалните капацитети на комисијата, а треба да се размисли можеби и за засилување на нејзините надлежности.

За претседателот на Транспарентност интернационал Македонија, нивните анализи покажале дека надлежните државни институции, пред сè Јавното обвинителство треба посериозно да постапуваат по иницијативите на Антикорупциската комисија за кривично гонење или пак за одговорност на службени лица особено во сферата на криминалот од висок профил.

По објавениот оглас за распишување на избор за прв човек на комисија, откако поранешната претседателка Татјана Димитровска си поднесе оставка, за десетина дена треба до Собранието да се достават кандидатурите. По првичната селекција, и оценување од Комисијата за избори и именувања, конечниот збор за избор на прв човек треба да го дадат пратениците на пленарна седница.

 

Игор Панов