Украина

Москва возврати на евроатланскиот притисок

05.08.2025 18:19

Русија го укина мораториумот за разместување и употреба на ракетите од краток и среден дострел. Песков, портпаролот на Кремљ не сакаше да коментира, дали одлуката е реакција на потегот на американскиот претседател Трамп за испраќање две нуклеарни подморници во регионот, но тврдат дека пловилата се на воена задача. Според меѓународните конвенции, Турција не дозволува групирање воена армада во водите на Црно Море, во нејзина надлежност е теснецот Босфор. Скандинавските земји почнаа со плаќање на американското оружје за украинската одбрана.

Нема веќе ограничување околу разместувањето на руските проектили од краток и среден дострел, воената игра се помалку под контролата на меѓународното право. Одлуката на Москва е двоен одговор на евроатлантскиот притисок врз Кремљ. Првиот за рокот на Трамп од 10 дена, Русија да се согласи на прекин на огнот, вториот е против европските пари за американското оружје за Украина.

Русија нема веќе никакво ограничување по ова прашање. Нема да се ограничуваме веќе за ништо. Со тоа, се сметаме за надлежни да преземеме соодветни мерки и потези“, изјави Дмитри Песков-портпарол на рускиот претседател Путин.

Хроничниот недостиг на муниција и оружје повторно почна да се пополнува од европските држави. По најавата на генералниот секретар на НАТО Руте, за отворање нова програма за снабдување на Киев, Шведска, Норвешка и Данска му платија половина милијарда долари на Вашингтон за оружјето од американско производство.

Русија не е заинтересирана за постигнување мир. Никој тоа не го сака повеќе од Украина и европската унија. Затоа го поздравуваме американскиот притисок врз Русија да го прифати прекинот на огнот, без притоа да се избираат средствата“, изјави Анита Хипер-портпаролка за надворешна и безбедносна политика на Европската комисија.

Во потрага по меѓународна поддршка, во Јапонија е шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха. Токио не се откажа од постојаната јапонска помош.

„Нема промена во јапонскиот став за солидарноста кон Украина. Ќе продолжиме да ве поддржуваме за да се постигне праведлив и долготраен мир во Украина“, изјави Такеши Иваја - министер за надворешни работи на Јапонија.

Во петдневна посета на Москва, пристигна кралот на Малезија, Султан Ибрахим Искандер, прва на малезиски достоинственик по 60-на години. И додека се разместуваат коцките на новата блоковска поделба, во Украина војната продолжи со загинати во областа Суми, во Харков. Киев возврати со напад на Ростов.

 

Зоран Богатинов