Украина

Виткоф во Москва, напори за мировни преговори

06.08.2025 09:45

Пред крајот на ултиматумот од Трамп, специјалниот пратеник Виткоф во Москва. Ќе се обиде да го убеди Путин на договор за крај на војната во Украина, во спротивно Москва, но и нејзините трговски партнери се соочуваат со остри економски санкции. Украинскиот претседател Зеленски телефонски разговарал со шефот на Белата куќа, Трамп.

Американскиот специјален пратеник Виткоф пристигна во Москва по барање на Кремљ на разговори со раководството на земјата. Посетата е во услови со закани за санкции од Трамп доколку Русија не постигне мировен договор со Украина до петок. Шефот на Белата куќа верува во дипломатија, но доколку таа не успее, откри дека со намалување на цените на енергенсите ќе изврши притисок врз Путин да ја прекине војната. Одлуката ќе ја донесе по завршување на состанокот.

„Имаме состанок со Русија. Ќе видиме што ќе се случи и тогаш ќе донесеме одлука“, изјави Доналд Трамп- претседател на САД.

Според дел од медиумите, Кремљ ја разгледува можноста за воздушно примирје како отстапка кон претседателот на САД. За Русија да избере мир, мора да ѝ снема пари за војна-изјави Зеленски по телефонскиот разговор со Трамп.

„Нашата главна тема беше крајот на војната. Тој е многу добро информиран за руските напади и ситуацијата на фронтот. Исклучително е важно што Москва почна да чувствува глобален притисок – притисок од САД и претстојната закана од построги санкции. Една од клучните насоки се санкциите врз руската нафта. За Русија да избере мир, мора да остане без пари за војна“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Во март, Украина и Русија изјавија дека ќе го почитуваат 30-дневниот мораториум за напади врз енергетската инфраструктура по разговорите со Трамп, иако секоја страна ја обвини другата за кршење на договорот. На фронтот, војната и натаму беснее. И Киев и Москва јавуваат за напади со беспилотни летала.

Додека Кина и Русија, спроведоа заеднички вежби во водите во близина до Владивосток, во новата иницијатива на НАТО за снабдување на Украина со американско оружје, по Шведска, Норвешка и Данска, се приклучи и Холандија со 500 милиони евра.

 

Бојана Крстевски