АЕК: Поевтин роаминг во регионот од 2015-та година

21.08.2014 12:30

На состанокот на регулаторите ќе бидат презентирани можни решенија кои би придонеле за намалување на цените за овие услуги за македонските корисници кои користат роаминг услуги во државите од регионот и обратно...

Регулаторите за електронски комуникации од регионот договараат намалување на цените за роаминг меѓу балканските држави, соопштија денеска од Агенцијата за електронски комуникации.

Оваа иницијатива на состанокот на регулаторите од регионот кој во следните два дена се одржува во Скопје, ќе ја разгледуваат регулаторите од Македонија, Турција, Бугарија, Србија и Албанија, а во истата ќе се вклучат БиХ и Косово.

„Агенцијата за електронски комуникации има подготвено студија за состојбата на цените на овие услуги за македонските корисници во државите кои присуствуваат на состанокот. Според студијата може да се заклучи дека македонските корисници плаќаат за услугите за роаминг многукратно повеќе од корисниците на истите услуги во земјите кои се членки на Европската унија каде постои регулација на роаминг услугите. Посебно многу висока цена се плаќа за роаминг услугите за пренос на податоци односно за роаминг интернет, за што корисниците од Македонија плаќаат и до 26 пати повеќе од корисниците од Европска унија“, стои во соопштението на АЕК.

На состанокот на регулаторите ќе бидат презентирани можни решенија кои би придонеле за намалување на цените за овие услуги за македонските корисници кои користат роаминг услуги во државите од регионот и обратно за корисниците од државите од регионот кога користат роаминг услуги во Македонија. Се планира да се донесат конечни заклучоци кои ќе доведат до потпишување на договори кои ќе резултираат со решавање на проблемот со високите цени за роаминг услуги.

Иницијативата е поднесена пред речиси два месеца, а се очекува да биде преточена во одлука и да стапи во сила од 1 јануари 2015 година.