Кандидатите на обука за справување со пожарите
Важна е нивната физичка спремност, а младоста им оди во прилог. За само една недела, ќе бидат подготвени да излезат на терен во справувањето со огнените стихии, велат обучувачите. Со оваа мерка ќе се стимулираат младите кои не се вработени да добијат вработување во противпожарните единици ...

Никола Јордановски од Скопје има само 18 години, но вели дека се чувствува подготвен да се бори со огнените стихии што пеплоса огромни шумски површини во Македонија. Тој е еден од кандидатите што ќе се обучуваат за справување со пожарите. Заедно со него, 364 лица, од кои 34 во Скопје, ќе поминат низ обуки. Секој ангажиран кандидат ќе добива по 24 илјади денари месечна финансиска поддршка од владата.
Се обидуваа да се пробијат низ шумскиот предел, до претходно запален оган на отворено, во шума на непристапен терен. Дел од обуката на младите кандидати за пожарникари. Важна е нивната физичка спремност, а младоста им оди во прилог.
За само една недела, ќе бидат подготвени да излезат на терен во справувањето со огнените стихии, велат обучувачите. Со оваа мерка ќе се стимулираат младите кои не се вработени да добијат вработување во противпожарните единици низ државата.
По завршувањето на обуката, кандидатите ќе бидат распоредени по територијалните противпожарни единици, додека тие што се од Скопје ќе бидат ангажирани во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување. За нив е предвидена и континуирана обука, а во случаи каде нема ризик, ќе бидат вклучени на терен за практично усовршување на вештините.
Александра Спировска
