Независните граѓански иницијативи најавија обединување во политички субјекти
Пред распишувањето на локалните избори, независните граѓански иницијативи најавија обединување во политички субјекти. Велат дека само на овој начин може да го отворат патот за учество во битката за локалната власт откако законски беше подигнат прагот за кандидирање...

Под името „Независни заедно“ активистите од „Шанса за центар“, „Независните“ од Карпош и „Зелените“ од Гази Баба почнаа со собирање на потписи за обединување во политичка партија за заеднички настап на изборите. Откако Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик по што настана правен вакуум, сега независната тројка бара граѓаните да им дадат шанса за влез во изборната трка. Глас може да дадат само оние кои претходно не парафирале согласност за формирање на друг политички субјект.
Втората независна опција за скопјани е иницијативата Зелен хуман град. Нивните активистите пред два дена почнаа со собирање на потписи. И додека независните се обидуваат со политичка гимнастика да влезат во процесот, големите партии им порачаа – политичкото делување е демократско право. ВМРО – ДПМНЕ се надева дека ДИК во меѓувреме ќе најде решение за проблемот за да не мора да се формираат партии, додека за СДСМ не е спорна поголемата конкуренција.
За да се формира партија, треба да се обезбедат 1.000 гласови.
Анита Димитријевска - Велковска
