Од септември во образовниот процес се вклучуваат децата кои подолготрајно се лекуваат на Детската клиника
Во образовниот процес од септември ќе бидат вклучени и децата кои подолготрајно се лекуваат на Детската клиника. Ќе имаат онлајн настава, наставниците веќе се обучуваат за вклучување во процесот...

10-тина дечиња болни од канцер подолго време се лекуваат на Детската клиника. Третманот може да трае и до две години, но првите шест месеци тие постојано се хоспитализирани. Оние кои се вклучени во образовниот процес – од први септември наставата ќе ја следат онлајн во болнички услови. Поради здравствената состојба, доколку младите пациенти не може да ја следат наставата, наставниците ќе им испорачуваат домашни задачи и лекции.
„Вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување“, изјави Реџеп Мемети – директор на Клиниката за детски болести.
„Со воведувањето на формалното образование децата ќе имаат можност побрзо, полесно да оздрават и да се вратат назад меѓу своите другари“, изјави Марија Вук – претседател на „Сано“ – Здружение кое им помага на децата со канцер.
Онлајн настава ќе можат да следат и децата кои долготрајно се лекуваат во домашни услови. Во тек се обуки на наставниците.
„Наставникот определен за детето може да го посети домот, доколку има услови и дозволи здравствената состојба на детето. Или преку онлајн да продолжат да го совладуваат материјалот. Покрај тоа што тие нема да ја изгубат годината, тие ќе бидат и мотивирани. Ќе почувствуваат емпатија на училиштето, на своите другарчиња, на наставниците“, изјави Весна Јаневска – министер за образование и наука.
Образовните власти ќе се потрудат од први септември – ваков вид настава да има и за учениците кои се на рехабилитација по повредите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
На овој начин – децата нема да имаат застој во образовниот процес. Полесно ќе се ресоцијализираат и вратат во училишните клупи по долготрајното лекување.
Андријана Ѓурческа
