Трамп најави можна средба со Путин
Шефот на Белата куќа Трамп за наредната недела планира средба со рускиот претседател Путин. По посетата на специјалниот пратеник Виткоф на Москва, Трамп оптимист е дека ќе има договор за крај на војната во Украина. Војната мора да заврши и мора да има фер крај, рече украинскиот претседателот Зеленски кој потврди дека имал телефонски разговор со Трамп. Од Кремљ средбата на Виткоф со Путин ја оценија како конструктивна...

Американскиот претседател Трамп изјави дека постои голема веројатност да се сретне со Путин и Зеленски, по како што ги оцени, многу добрите разговори на неговиот претставник Виткоф и шефот на Кремљ во Москва.
„Постои добра перспектива за тоа. Не утврдивме каде, но имавме многу добри разговори со Путин. И има многу голема веројатност дека можеби го затвораме кругот, го завршуваме крајот на патот. Тој пат беше долг и продолжува да биде, но, голема е веројатноста дека ќе има состанок многу наскоро“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Сè уште не е познато дали Путин и Зеленски се согласиле на таков состанок, но по телефонскиот разговор со Трамп и европските партнери, украинскиот челник истакна дека позицијата на Украина е јасна-војната мора да заврши. Посочи дека притисокот врз Москва функционира.
„Имав разговор со претседателот Трамп по посетата на Виткоф на Москва. Нашиот заеднички став со нашите партнери е апсолутно јасен: војната мора да заврши и мора да има фер крај. Се чини дека Русија сега е посклона да се согласи на прекин на огнот-притисокот врз нив функционира. Но, главната работа е да не нè измамат нас или САД во деталите“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ, пак, претходно издаде нејасно соопштение за тричасовните разговори меѓу Путин и Виткоф, истакнувајќи дека двете страни размениле „сигнали“ како дел од „конструктивните“ разговори. Средбата се одржа два дена пред крајниот рок на Трамп за Русија да се согласи на прекин на огнот во Украина или да се соочи со нови санкции. Сепак, Трамп не се предомисли за секундарните ограничувања кои индиректно ја засегаат Москва. Ги зголеми царините за Индија на 50 насто затоа што купува руска нафта. Смета дека глобалниот пазар може да има улога во завршување на војната. За Њу Делхи, потегот е неразумен и неоправдан.
Бојана Крстевски
