Во Куманово гасификација на улици, но и институции
Во Куманово продолжува да се шири гасификациската мрежа. Владата и на вториот повик обезбеди средства. Во моментов се работи на ширење на мрежата кон малата индустриска зона. Но во рамки на европски проект за чист воздух, на природен гас, ќе се затоплуваат и седум институции …

Интензивно се гради дистрибутивната гасоводна мрежа кон малата индустриска зона во кумановско Доброшане. Делницата е во должина од два километри. Освен домаќинства, можност да се приклучат и поголемите компании, информираат од јавното претпријатие „Куманово гас“. Станува збор за проект за кој општината аплицираше на првиот повик финансиран од Владата, преку програмата за поддршка на општините. Но одобрени се и проекти од вториот повик, па гасификацијата ќе се шири и на други локации.
„Во вкупна должина од 6,5 километри и ако успееме да ги изведеме тие улици вкупна должина за една година би била скоро десет километри инвестиција, што досега не се случило што ќе е скоро дуплирање на веќе изградената дистрибутивна мрежа“, вели Марко Митровски, директор ЈП „Куманово гас“.
Но освен на улици, мрежата ќе се шири и на други седум државни и општински институции. Наскоро се очекува да започне приклучокот на полициската станица, Основниот суд, Центрите за вработување и социјални работи, две основни училишта и нижото музичко. Приклучокот се спроведува преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
За надминување на проблемот со загадениот воздух Куманово доделува и субвенции за приклучок на гас, како и за набавка на клима уреди.
Цената на гасот летово се движи до 55 денари. За почетокот на грејната сезона се очекува да биде до 60 денари.
Елена Георгиевска
