ДЗР со извештај за повеќенаменската сала „Борис Трајковски“
Нефункционални објекти и реквизити, затворен аквапарк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи, утврди Државниот завод за ревизија за повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ во извештајот направен за 2023-та година. Ревизорите укажуваат дека спортскиот центар по завршувањето на Самитот на ОБСЕ пред две години, за што се инвестирани повеќе од 200.000 евра, не се знае што точно е изведено, што е инсталирано и оставено како трајна вредност во центарот …

Нефункционални објекти и дотраена опрема, изгубена можност за остварување на дополнителни приходи – ова го покажа ревизијата за СЦ „Борис Трајковски“ што се однесува на 2023 година. Се склучувале договори за закуп кои биле под почетната цена, колку неа или едвај ја поминале.
„Кај 14 договори, постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%. Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови“, соопштија од ДЗР.
Приходите од користење на пливачкиот базен, лизгалиштето, малата сала, кугларницата, конгресната сала и пинг-понг центарот пораснале, ама затоа аква-паркот е затворен и оставен да скапува поради економска неисплатливост и истечена гаранција на реквизитите и опремата. Центарот губи можност за приходи и од паркингот – има право на користење, но не го издава. Директорот Апостолоски вели дека и тие ги увиделе неправилностите од претходните раководства и спровеле попис.
„Повеќето од забелешките кои сега беа утврдени од страна на ДЗР, истите беа увидени од моја страна непосредно при секојдневната работа и согледувањата на приходите и расходите на спортскиот центар. По истите веќе во поголемиот дел е постапено, останатото ќе биде спроведено во текот на тековната година. Сублимат од сите овие забелешки и неправилности е дека со истите треба да се позанимаваат институциите кои се задолжени за расветлување на одредени сегменти“, изјави директорот Апостолоски.
На ова место се одржуваше и Самитот на ОБСЕ, кога друштвото склучило договори со МНР на износ од 2 милиона евра, но нема записници за тоа какви работи биле изведени или останале во владението по одржувањето на големиот настан. Салата „Борис Трајковски“ во 2011 е изградена преку задолжување од Град Скопје, но враќањето на долгот било пролонгирано за 8 години поради лошата финансиска состојба на друштвото, кое работело во загуба и нарушена ликвидност, па сите пари за отплата на долгот се обезбедени од централниот буџет, па државата ја зголемила главнината во друштвото.
Александра Спировска
