Путин прифати средба со Трамп
Путин прифати средба со Трамп. Местото е договорено, состанокот ќе се одржи во наредните денови-соопштија од Кремљ. Дипломатскиот напредок доаѓа по посетата на американскиот специјален пратеник Витокоф на Москва. За првпат имаме конкретни примери за работите што Русија би ги побарала за да се заврши конфликтот во Украина-додава државниот секретар Рубио. Војната мора да заврши-став на Зеленски...

Русија и САД се договорија за средба меѓу Путин и Трамп во наредните денови-изјави помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков. Според него, страните почнале да работат на самитот, следната недела е одредена како репер, но тешко е да се каже колку дена ќе траат подготовките. Местото на состанокот е договорено.
„На предлог на американската страна, во принцип беше договорено во наредните денови да се одржи билатерална средба на највисоко ниво, односно средба меѓу претседателот Владимир Путин и Доналд Путин“, се вели во соопштението од Кремљ.
Претходно Трамп изјави дека голема е веројатноста да се сретне со шефот на Кремљ, како и со Зеленски, по како што ги оцени, многу добрите разговори на неговиот претставник Виткоф и Путин во Москва.
„Имавме многу добри разговори со Путин. И многу голема веројатност дека можеби го затвораме кругот, го завршуваме крајот на патот. Тој пат беше долг и продолжува да биде, но, голема е веројатноста дека ќе има состанок многу скоро“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Војната мора да заврши-украинскиот челник Зеленски го пренесе заедничкиот став по телефонскиот разговор со Трамп и европските партнери. Посочи дека притисокот врз Москва функционира.
„Имав разговор со претседателот Трамп по посетата на Виткоф на Москва. Нашиот заеднички став со нашите партнери е апсолутно јасен: војната мора да заврши и мора да има фер крај. Се чини дека Русија сега е посклона да се согласи на прекин на огнот-притисокот врз нив функционира. Но, главната работа е да не нè измамат нас или САД во деталите“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Тричасовните разговори меѓу Путин и Виткоф се одржаа два дена пред крајниот рок на Трамп за Русија да се согласи на прекин на огнот во Украина или да се соочи со нови санкции. Сепак, Трамп не се предомисли за секундарните ограничувања кои индиректно ја засегаат Москва. Ги зголеми царините за Индија на 50 насто затоа што купува руска нафта. Смета дека глобалниот пазар може да има улога во завршување на војната. За Њу Делхи, потегот е неразумен и неоправдан.
Бојана Крстевски
