Банките ги намалуваат надоместоците за плаќања
Банките го послушаа гувернерот на Народна банка Трајко Славески и три големи ги намалија тарифниците за надоместоци за граѓаните и компаниите. Славески најави нови мерки за поевтини услуги на граѓаните …

Граѓаните помалку ќе плаќаат за режиски трошоци кон банките. По апелот од Народната банка, три големи и една средна банка ги намалиле надоместоците за користење на платежните услуги за граѓаните и компаниите. Првиот човек на Народната банка очекува до крајот на месецов и останатите да ги намалат провизиите.
„Банките се повеќе почнуваат да ги нудат бесплатно плаќањата коишто се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи, односно кога плаќачот и примачот имаат сметка во истата банка, за што претходно поголемиот дел од нив наплатуваат надоместоци“, изјави Трајко Славески, гувернер на Народна банка.
Народна банка иницира измени на Законот за платежна сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи користење на дозволено пречекорување, цената на услугите преку платежната сметка да биде поврзана со минималната плата и би изнесувала 36 денари месечно, а за над 62 години возраст бесплатно. Граѓаните ќе можат да прават бесплатно пет меѓународни електронски кредитни трансфери и четири трансакции месечно за подигнување готовина на банкомати од други банки.
„Народната банка ќе работи со банките во следниот период за изнаоѓање прифатливо решение за воспоставување национална мрежа на банкомати. Очекувам оваа идеја да се оствари најдоцна до крајот на наредната 2026 година. Во меѓувреме, граѓаните ќе имаат можност да подигаат готовина од банкоматите во сопственост на туѓа банка до 4 пати во месецот во износ не поголем од 2.000 денари по трансакција“, изјави Трајко Славески, гувернер на Народна банка.
Народна банка планира пакет услуги по разумен надомест и за микротрговците од почетокот на 2026-та.
Ирина Гелевска
