Влада

Од 15-ти август училишниот прибор со 15% пониска цена

07.08.2025 17:33

На последната седница, Владата донесе одлука за поевтинување на училишниот прибор до 15 проценти. Сите трговци ќе мора да објават јавно на нивните продавници...

Ранци, тетратки, моливи, пенкала – училишниот прибор од 15 август во книжарите ќе се продава со цена пониска од 15 насто – одлуката на Владата ќе важи до средината на септември. Целта е да се заштити стандардот на граѓаните пред почетокот на учебната година. Трговците на големо, ќе мора да ги намалат цените за најмалку 10 отсто. До намалувањето, трговците се задолжени да ја објават и цената која важела јуни.

Граѓаните сметаат дека цената на училишниот прибор е висока, а намалувањето од 15 насто нема да донесе до заштеди за домашниот буџет.

„Мислам дека треба да се покачи уште некој процент барем 30 насто, стварно е скапо. И облека и книги, ако викаат дека е бесплатно, ништо не е бесплатно. Треба да се обезбедат хартии, принтери, тоа ние го обезбедуваме“.

„Премногу се зголемени џабе ќе ги намалат. Ако имаш две, три деца како ќе ги испратиш. Треба и да ги облечеш“.

„Поскапо е ама треба да им се помага на луѓето“.

„Ако се реализира како што треба ќе биде олеснување“.

Според Државниот завод за статистика трошоците за живот во јули се зголемени за 4,8%, а инфлацијата годинава изнесувала 1,1 насто. Цената на храната се зголемила за 0,3 отсто, најмногу пари се трошеле за транспортот 9,9 проценти, но тука се и културата, рестораните, хотелите.

Пред неколку дена владата најави мерки доколку во наредниот период дојде до поскапување на храната. Последните податоци на државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата се префрла на горивата, хотелските услуги и забавата.

Андријана Ѓурческа