Одобрен планот на Нетанјаху за окупирање на градот Газа
И покрај противењето на семејствата и меѓународниот притисок, одобрен планот на Нетанјаху за окупирање на градот Газа. Проширувањето на конфликтот ќе биде катастрофално – предупредуваат од Обединетите нации …

Израелскиот кабинет за безбедност го одобри планот на Нетанјаху за окупирање на градот Газа-соопштија од кабинетот на премиерот. Усвоени се пет принципи за крај на војната-разоружување на Хамас, враќање на сите заложници, демилитаризација, израелска безбедносна контрола во Појасот и нова цивилна администрација која не е ниту Хамас ниту Палестинската самоуправа. Пред состанокот Нетанјаху изјави дека Израел нема намера да управува со Газа, туку да го уништи Хамас и да ги врати заложниците.
„Нашиот план не е да ја окупираме или анектираме Газа. Нашата цел е да го уништиме Хамас и да ги вратиме заложниците, а потоа да ја предадеме Газа на преодна влада. Сакаме да имаме безбедносен периметар, не да управуваме со неа. Сакаме да го предадеме на арапските сили кои ќе го управуваат правилно, без да ни се закануваат и да им обезбедат на жителите на Газа добар живот. Тоа не е можно со Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Според усвоениот план, израелските сили ќе влезат во северниот дел од енклавата, обезбедувајќи им хуманитарна помош на жителите надвор од борбените зони. Операцијата би можела да бара масовна евакуација на околу 800 илјади луѓе. Секое проширување на конфликтот во Газа ќе биде катастрофално-предупредија од ОН.
„Окупацијата не може и не смее да продолжи. Тоа не е прифатено според меѓународното право. Веќе јасно ги искажавме нашите загрижености дека какво било проширување на конфликтот ќе биде катастрофално“, изјави Фархан Хак, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Наспроти гласањето на воениот кабинет стотици израелци излегоа на протести низ повеќе градови барајќи владата да се откаже од планот, кој според семејствата, е смртна казна за заложниците. Во Тел Авив апсења и водени топови.
„Не успеавте! Мојот Матан е сè уште таму, наместо да направите единствено нешто што оваа влада не го направи – да ставите сеопфатен договор на маса што ќе ги врати сите 50-мина дома“, изјави Анат Ангрест, мајка на заложник.
Градот Газа сочинува околу 25 насто од територијата на Појасот што израелската војска сè уште не ја освоила, вклучувајќи неколку бегалски кампови во централниот дел од енклавата, каде што, според израелските проценки, се држат преостанатите заложници.
Бојана Крстевски
