Нови напади во Украина и покрај дипломатските надежи за ставање крај на војната
Нови напади во Украина и покрај дипломатските надежи за ставање крај на војната. Пред истекот на рокот од САД, рускиот претседател Путин се согласи на средба со Трамп и со Зеленски, но со исполнување на условите од Русија. И украинскиот претседател поставува услов на преговорите со Русија да се вклучат и претставници на ЕУ...

Нови напади и жртви во Украина. Во последниот руски удар со беспилотни дронови загинаа 3 лица во околината на Киев. Рокот што американскиот претседател му го постави на Путин да седне на преговарачка маса или да се соочи со санкции вроди со плод. Рускиот претседател се согласил на средба со Трамп и не исклучува средба и со украинскиот претседател, но со претходно исполнети услови за прифаќање на референдумите во украинските региони.
„Постојано повторувам дека немам ништо против оваа можност за средба со Зеленски, но за тоа треба да се создадат одредени услови. За жал, ние сме далеку од тоа“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
„Не, не мора да се сретне. Тие сакаат да се сретнат со мене и јас ќе направам се што можам за да го спречам убивањето“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Украинскиот претседател Зеленски пак, инсистира во преговорите да бидат вклучени и претставници на Европската унија.
„Секој знае дека клучните одлуки во Русија ги носи едно лице кое се плаши од санкциите од сад, и дека е исправно Украина да биде учесник во преговорите. Што значи, форматот на состаноците, состанокот на лидерите е, практично, трилатерален формат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од ЕУ велат дека не се поканети да присуствуваат на самит на кој би присуствувале руски, украински и американски претставници за ставање крај на војната. САД потенцираа дека обновата на Украина ќе падне на товар на ЕУ, а дека САД само ќе инвестираат во експлоатација на ретки минерали од Украина.
Ирина Гелевска
