Струга „дише“ со поезијата: Почнуваат Струшките вечери на поезијата!

21.08.2014 14:59

Од вечерва Струга ќе дише со поезијата. „Т’га за југ“ ќе го означи педесет и третото издание на овој единствен фестивал на пишаниот збор во светот. Во Струга пристигна и годинашниот лауреат, корејскиот поет Ко Ун...

Годинашниот добитник на „Златниот венец“, јужнокорејскиот писател Ко Ун, пристигна во Струга и со традиционалното засадување  дрвце во Паркот на поезијата го одбележа почетокот на најпрестижната поетска манифестација во светот. Струга до 26-ти август ќе биде претстолнина на поезијата. Македонија е поетска земја која со гордост треба да ги слави и почитува браќата Миладиновци, рече лауреатот.

Поезијата има моќ да ја направи туѓата земја како родно место. Јас чув дека скоро сите Македонци се поети. Затоа Македонија е држава на поезијата“, изјави овогодишниот лауреат, Ко Ун.  

Директорот на струшките вечери на поезијата рече дека со поезијата на Ко Ун, добитник на најпрестижната награда Златен венец, е направен уште еден културен мост, мост на поезијата.

Вистинската татковина на поетот е јазикот и преку преводот на Македонски, негова татковина станува и македонскиот јазик“, нагласи директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски. 

Јужнокорејскиот поет има напишано 150 книги и важи за еден од највлијателните поети не само во неговата земја туку и пошироко. Со изведбата на познатата „Т’га за југ“ вечер во 20:30 часот пред платото на Центарот за култура во Струга ќе бидат и официјално отворени 53-тите Струшки вечери на поезијата.

Јованчо Наумоски