Трамп и Путин ќе се сретнат на Алјаска
Американскиот и рускиот претседател ќе се сретнат на 15-ти август во Џуно, на Алјаска. Трамп истакна дека сака да се сретне што поскоро со Путин оти секојдневно гинат многу Руси и Украинци. За постигнување мир, смета дека Украина ќе мора да прифати размена на територии...

Закажана првата средба Трамп-Путин за постигнување мир во Украина. Американскиот и рускиот претседател ќе се сретнат на 15-ти август во Џуно, на Алјаска. Трамп истакна дека сака да се сретне што поскоро со Путин оти секојдневно гинат многу Руси и Украинци. За постигнување мир, смета дека Украина ќе мора да прифати размена на територии.
„Претседателот Путин, верувам, сака мир. И Зеленски сака да види мир. Сега претседателот Зеленски мора да добие сè што му треба, бидејќи ќе мора да се подготви да потпише нешто. Го разгледуваме тоа, но всушност бараме да добиеме дел назад, а дел да размениме. Многу е комплицирано. Но, ќе добиеме дел назад. Ќе добиеме дел, некои територии ќе бидат заменети“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Путин на средбата со Трамп ќе настапи со планот за мир кој опфаќа прифаќање на референдумите на отцепување на регионите од Украина. Москва веќе упатила покана за втора средба со Трамп во Русија за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави.
„Русија и САД се блиски соседи, делат заедничка граница. Се чини сосема логично нашата делегација едноставно да прелета над Беринговиот теснец и толку важен и очекуван самит на лидерите на двете земји да се одржи токму во Алјаска. Секако, самите претседатели несомнено ќе се фокусираат на дискусија за опции за постигнување долгорочно мирно решавање на украинската криза. Гледајќи напред, природно е да се стремиме следната средба на претседателите да се одржи на руска територија. Соодветна покана веќе е упатена до претседателот на САД“, изјави Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател Путин.
Украинскиот претседател Зеленски отфрла мировен договор што предвидува Украина да отстапи дел од својата територија.
„Украинскиот народ заслужува мир. Но, сите партнери мора да разберат што е достоинствен мир. Одговорот на украинското територијално прашање веќе е во уставот на Украина. Никој нема да отстапи од ова – и никој нема да може. Украинците нема да ја подарат својата земја на окупаторот. Украина е подготвена за вистински одлуки што можат да донесат мир. Сите одлуки што се против нас, сите одлуки што се без Украина, се во исто време одлуки против мирот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
И покрај отфрлањето на предлогот за територијални отстапки, Зеленски изјави дека е подготвен за трилатерална средба со Трамп и Путин.
Ирина Гелевска
