Летото ги вжешти линиите во Брзата помош
Сообраќајни незгоди, стомачни вируси и хронични болести, се најчести причини за интервенции на Итната помош во Куманово. Бројот на повици, летниов период е зголемен за дури 50 отсто...

Зголемен број интервенции летниов период бележат екипите на Итната медицинска помош од Куманово. Најчести се случаите поврзани со сообраќајни незгоди, потоа следуваат стомачните инфекции, како последица на високите температури, па хроничните заболувања. Бројот е зголемен за дури педесет отсто. Повеќето од повиците, појаснуваат од установата, се во попладневните и вечерните часови, кога граѓаните се враќаат од одмори. Непочитувањето на сообраќајните правила, неносењето заштитна опрема, е еден од факторите за повреди.
„Во овој период најчесто управувачи и возачи на моторни возила, особено моторите, електричните тротинети, велосипедистите, тие се повеќе изложени во овој период. Најчести се повреди на горни и долни екстремитети, главата. Долгиот пат топлината, секако дека си остава свои последици“, истакна д-р Владимир Владевски, Итна помош Куманово.
Но освен на сообраќајни незгоди лекарите интервенираат и на случаи поврзани со стомачни вируси. Високите температури и долготрајното изложување на сонце, ја влошуваат здравствената состојба кај хронично болните, особено кај пациентите со кардиоваскуларни заболувања.
„Да не се оставаат без течности поради високите топлини, течности за разладување, овошје, зеленчук повеќе. Стомачните вируси на прво место, притисок, кардиолошки проблеми, главоболки, хронични болести, повраќање, дијареа“, дополни доктор Владевски.
Промената на климата, патувањето е важно, па апелот е граѓаните да бидат внимателни.
Периодов велат лекарите, зголемен е и бројот на лица со симптоми на алергии и настинки. За дел од нив постои сомнеж дека можат да бидат предизвикани и од вируси.
Елена Георгиевска
