Здравство

Одземени овластувањата на Стоматолошката комора

09.08.2025 14:49

Едукации преку нерегистрирани здруженија, договори спротивни на закон, сомнеж за финансиски злоупотреби. Министерот Алиу и ги одзема овластувањата на Стоматолошката комора, оттаму негираат неправилности...

На Стоматолошката комора привремено и се одземени овластувањата за издавање лиценци. Министерството за здравство донесе ваква одлука откако извршените надзори укажале на бројни пропусти – едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците, договори кои биле склучувани ретроактивно, спротивно на закон, носење одлуки и документи со невалидна документација, како и игнорирање одлуката на Уставниот суд.

Алиу рече дека постојат и сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби.

Финансиската полиција ја чешла Стоматолошката комора а од Министерството за здравство најавија и дека сите документи ќе бидат предадени на Обвинителство.

Првиот човек на Стоматолошката комора ги отфрли наводите на министерот Алиу.

„Кажаното е сосема спротивно од се што беше кажувано на нашите средби минатите денови, така што, заклучокот можете и самите да го донесете. Особено што се што беше кажано е во тотална спротивност со вистината, за што имаме и документи и писмени докази“, се вели во соопштението од Стоматолошка комора.

Одлуката на Министерството, пак, наиде на поддршка од стоматолошките факултети во Скопје и Тетово, стоматолошките друштва и Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватните доктори по дентална медицина, кои одамна укажуваа дека работите во Комората не се како што треба.

 

Ана Јосифоска