Реакции по претресот во домот на директорка на демирхисарско училиште
Претресот во домот на директорката на демирхисарското училиште поради сомнеж за уништување на службениот печат ја бранува јавноста. Активирана внатрешната контрола на МВР поради неодобрено полициско инсистирање, жената да биде повикана на информативен разговор...

Претресот во домот на директорката Маја Лозановска и во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар ја бранува јавноста. Акцијата била спроведена поради сомнеж за фалсификување и уништување деловни книги и на службениот печат, за кој Лозановска тврди дека е во сефот во школото.
„Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. ОЈО – Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, соопштија од Обвинителството.
Токму ова беше причината за бурна реакција, откако адвокатот на Лозановска објави видео од претресот, на кое се слуша полициски службеник како инсистира жената да биде однесена на информативен разговор во станица, иако таа користела боледување, а таква наредба од Обвинителството воопшто немало.
Од МВР најавија дека постапува Внатрешната контрола.
„Во однос на реакциите поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности“, се вели во соопштението од МВР.
СДСМ реагира дека Лозановска е цел на политички прогон.
Според партијата, целта е Лозановска пред избори да биде разрешена, а локалните власта кажаа дека се постапува по решение на Просветниот инспекторат.
Борис Грујоски
