Собрание

Собранискиот спикер Гаши ги распиша локалните избори

09.08.2025 15:35

Прв круг на 19-ти октомври, вториот на 2-ри ноември. Собранискиот спикер Гаши ги распиша локалните избори – почнуваат да течат изборните рокови...

Локалните избори се распишани, календарот почна да одбројува. На 19-ти октомври закажан првиот круг гласање за градоначалници и советници, вториот ќе се одржи две недели подоцна, на 2-ри ноември. Спикерот Африм Гаши го потпиша решението за есенското одмерување на политичките сили. Очекува изборниот процес да биде доказ за демократската зрелост на земјата, а волјата на граѓаните – слободно изразена.

„Упатувам јасен и искрен повик до сите политички сили, кандидати и соодветни структури да покажат висок степен на политичка култура. Да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси. Ова е процес што треба да се фокусира на граѓанинот, на неговите реални потреби и предизвици, и на конкретните решенија што секој кандидат треба да ги понуди“, изјави Гаши.

Учесниците во изборниот процес до 15-ти септември треба да ги поднесат кандидатските листи, а потоа ДИК да ги потврди кандидатурите. Кампањата стартува на 30-ти септември, тогаш Собранието нема да одржува пленарни седници за собраниската говорница да не се злоупотребува во изборни цели.

Анита Димитријевска – Велковска