Киев и ЕУ: Не може одлуки за Украина без Украина
Не може да се носат одлуки за Украина без Украина – европските сојузници усвоија декларација пред најавената средба Трамп-Путин во Алјаска. Светските медиуми објавија дека Белата куќа размислува да го покани и Зеленски. Тој, пак, порача оти не прифаќа размена на територии како услов за мир...

Потврдената средба во Алјаска меѓу Трамп и Путин што треба да се одржи идниов петок ги разбуди надежите кај Украинците за ставање крај на војната, но и ги разгоре стравувањата дека земјата може да загуби дел од својата територија. Такво нешто навести и шефот на Белата куќа, кој посочи дека со првиот човек на Кремљ ќе разговара и за размена на територии, како средство за постигнување долгорочен мир.
„Немаме можност за покренеме офанзива за да ги вратиме загубените територии. Тоа е моето мислење. За да се спречи луѓето да умираат треба да ги запреме воените операции, да постигнеме некаков договор, но не да се откажеме од нашите територии, да не потпишеме дека окупираните територии и ги даваме на Русија“, изјави Светлана Добринска, мајка на загинат војник.
„Како човек што си ја сака државата, не сакам да правам компромиси, но гледајќи ја сета смрт и знаејќи дека мајка ми е во Никопол под гранатирање, а татко ми на фронтот, сакам ова да заврши што е можно поскоро. Сфаќам дека многу луѓе ќе ги загубат домовите, но ако продолжиме можеме да загубиме уште повеќе“, изјави Анастасија Јемелианова, претприемачка.
„Треба да добиеме компензација за загубите и воена отштета, не можеме да дадеме сè, а за возврат да не добиеме ништо“, изјави Игор Усатенко, пензионер.
Зеленски вели дека е потребен достоинствен мир и оти Трамп има алатки да го постигне тоа. Сепак, тој е категоричен дека нема намера да ги задоволува апетитите на Путин и додава оти не може да се носат одлуки за Украина без Украина.
„На Путин му беше дозволено да го земе Крим и тоа водеше кон окупација на Доњецк и Луганск. Тој не се соочи со превентивна казна кога собра трупи на границата и тоа водеше кон целосна војна и окупација на уште поголеми делови од Украина. Сега Путин сака да му биде простена и окупацијата на југот на Херсон и на Запорожје, на целата територија на Луганск, Доњецк и на Крим. Нема да дозволиме Русија да ја подели Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Најавена средба Трамп-Путин ги размрда коцките на светската сцена. Европските сојузници застанаа во поддршка на Киев и испратија јасна порака – „патот до мирот не може да се трасира без Украина“, стои во заедничката декларација издадена од лидерите на Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија.
„Неопходно е Европјаните да бидат дел од решението, зашто во прашање е доведена нивната безбедност“, порача Макрон.
Јужно од Лондон се одржа и средба меѓу британскиот секретар за надворешни работи Леми, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, шефот на кабинетот на Зеленски, Јермак и секретарот за национална одбрана на Украина Умеров, како и европски претставници.
Мартин Пушевски
