Здравство

Намален бројот на крводарувања во Куманово

10.08.2025 13:09

Намален бројот на резервни крвни единици. Од службата за трансфузиологија Куманово информираат дека простор за паника нема. Состојбата велат е вообичаена за летниот период. Но сепак ги повикуваат граѓаните да даруваат …

Намален број крводарувања, периодов бележи центарот за трансфузиологија во Куманово. Од установата смируваат, простор за паника нема. Вообичаено во летниот период се намалуваат резервите крвни единици, поради летните одмори, сезонската работа, затворените училишта.

„Имаме доволно крв, резервите на крв малку се намалени, но не треба да има паника, се е под контрола. Обично има недостаток на негативните крвни единици, но во моментов имаме токму тоа, не ни фали, и во соседните земји Србија има паника дека нема крв, во овој период секаде има намалување на резервите, кај нас стоиме добро, но зошто да немаме уште повеќе резерви крв“, вели д-р Дритон Билали, Служба за трансфузиологија Куманово.

Претходно кумановскиот црвен крст информираше дека недостигаат групи А позитив и Н негатив. И од установата ги повикуваат сите хумани граѓани да ги посетат и да даруваат. Укажуваат и дека оваа навика треба да се практикува секогаш.

„Не треба да функционира фамилијарното дарување ако се случи сообраќајна незгода, една крвна единица треба минимум 48 часа да се испитува и биде подготвена за дарување, да се одредуваат компоненти, но кога имаме крв на располагање, крвната единица има можност да го чека пациентот, но тој нема можност да чека да се подготви за да ја прими“, дополни Билали.

Возраста на крводарителите се препорачува да биде од 18 до 65 години. Трипати годишно би требало да даруваат жените, а на три месеци мажите.

Лекарите појаснуваат дека нема посебни подготовки за крводарување. Велат откако лицата ќе почнат со овој хуман чин, подоцна стекнуваат редовна навика.

Елена Георгиевска