Охрид очекува успешна постсезона
Годинешната туристичка сезона е невообичаена, без класичен шпиц, но за разлика од претходните ќе биде подолга.Тоа значи дека намалената посетеност во јули најверојатно ќе биде надополнета во постсезоната, која се очекува да биде успешна, како што беше во текот на пролетните месеци. Ова е ставот на професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.Тој вели дека дури потоа ќе се има целосен увид во бројките, кои ќе покажат колку и дали севкупната сезона била успешна или не …

Намалениот број на странски туристи во текот на шпицот на сезоната се должи на откажувањето на неколку тур-оператори. Причините за тоа според експертите се презаситеноста на пазарите во некои западни земји, како што е Холандија, а кога се работи за полските туристи откажувањето се должи на неусогласувањето на нашата понуда со она што тие го бараат. Тоа значи дека неподготвени влеговме на тој пазар.
„Кога настапуваме на еден пазар мора детално да ги истражиме кои се преференциите, што бара тој пазар. И тогаш ние со сигурност го добиваме тој пазар за подолг период, не за една година, не за две години, оти кога се истражува еден пазар тоа е долгорочен процес. Ние имаме презаситеност од западноевропскиот пазар, би препорачал насочување кон источноевропскиот пазар, затоа што источноевропскиот пазар е најбрзо растечки пазар во светот“, изјави проф. Д-р Сашо Коруновски од Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Што се однесува до досегашниот тек на главната сезона, Коруновски вели дека оваа година го нема оној класичен, силен шпиц на сезоната, но тоа не треба да обесхрабрува,бидејќи во март, април и мај посетеноста беше добра, а очекува и успешна постсезона.
„Сезоната ќе биде продолжена. Јас мислам до октомври, ноември, но треба да се размислува за една сезона којашто ќе нуди нешто ново. Мора да вметнеме нови содржини оти секој туристички производ има една синусоида, односно животен век. Мора да се заменуваат и производите, но и пазарите“, изјави Проф. Д-р Сашо Коруноски од Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Иако сезоната е нестандардна, Коруновски смета дека ќе биде успешна, бидејќи туристите се дисперзираат низ поширок временски интервал, односно дека Охрид ја доживува една од најдолгите туристички сезони.
Сашо Нелоски
