24 години од загинувањето на бранителите кај Љуботенски бачила
Македонија се сеќава на паднатите бранители. Одбележани 24 години од загинувањето на осумтемина резервисти кај Љуботенски бачила, за време на конфликтот во 2001-ва година …

Болката и по 24 години не поминува, вели Благица Златевска, мајка на загинатиот бранител Ивица Златевски, кој беше најмлад меѓу жртвите на тој кобен 10-ти август, 2001-ва година. Со солзи во очите раскажа како утрото го чекала синот да си дојде дома.
Семејствата на загинатите повикаа државата да покаже поголема грижа за нив и да го донесе Законот за бранители.
Панихида, химна и свеќи за осумтемина херои. На повеќе локации во Скопје оддадена почит пред спомен-обележјата на загинатите бранители во Волково, Љубанци и пред спомен плочата во касарната „Илинден“.
„Почит и слава за хероите – само со искрена желба за помирување може да изградиме општество каде вакви трагедии нема да се повторат“, напиша премиерот Мицкоски.
Пред 24 години ги положија своите животи кај месноста Љуботенски бачила. Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.
На 10-ти август 2001-ва година товарно возило кај Љуботенски бачила нагази на мина по што 8-мина припадници на резервниот состав на Армијата го загубија животот.
Ана Јосифоска
